Ортопедот Александар Обедниковски е на чело на Битолската клиничка болница од крајот на мај 2022 година, а во болницата е во работен однос од 2014 година како специјалист ортопед, а од 2018 година, супспецијалист трауматолог. Тој е еден од младите и надежни лекари во Клиничката болница, но како менаџер го потресоа трите несреќи за период од само 40 дена. Смртта на двете деца, Јана Христовска (6) и 12-годишното момче од селото Лера, како и трагедијата од вчера кога почина новороденче, беа силен удар за директорот Обедниковски и тој одлучи да се повлече од функцијата.

Д-р Обедниковски за „Независен“ кусо потврди дека утре официјално ќе поднесе оставка од функцијата директор од морални причини.

„Утре ќе ја депонирам оставката како директор на Битолската клиничка болница. Тоа ќе биде официјално и од морални причини“, ни изјави д-р Обедниковски.

Обедниковски е кадар на СДСМ, а сега се шпекулира дека битолската болница ќе ја раководи началничката на Интерното одделение при Клиничката болница Битола, д-р Елизабета Ивановска, специјалист интернист, супспецијалист пулмолог.