Битиќи се осврна и на пандемијата, нагласувајќи дека и покрај големите предизвици кои таа ги донесе, треба да се види и другата страна – создавањето нови можности.

-Верувам дека на сите земји од Западен Балкан ни се отвора сериозна можност да ја подобриме и поединечната конкурентност и конкурентноста на регионот, ако го фатиме моментот и процесот на реструктуирање на синџирите на вредности, се повеќе меѓународни компании да инвестираат во нашата земја, а домашните се повеќе да се вклучуваат во интернационалните синџири на набавки, рече Битиќи.

Тој информира дека на Самитот имало плодни дискусии. Станало збор за политичките односи, создавањето услови за побрз и одржлив економски развој, како и за справувањето со последиците од коронавирусот.

-На Самитот беше промовирана и поддржана Декларацијата на земјите од Западен Балкан со која се потврдија интенциите за подобрување на здравствените системи како најпогодени од корона кризата преку соработка, иновации и нивно усовршување, нагласи вицепремиерот.

Битиќи потсети дека земјава е членка на ЦЕИ од 1993 година.

-Сметам дека преку овој форум има многу можности за унапредување на соработката, особено поради тоа што дел од земјите се членки на ЕУ и преку овој значаен форум можеме да разменуваме искуства и знаења за создавање подобро општество за граѓаните, за развиена економија, за унапредување на демократија, а сите тие активности ќе придонесат и кон полесно и побрзо пристапување во ЕУ, подвлече Битиќи.

Самитот го организираше Владата на Црна Гора, а освен владини претставници, присуствуваа и претставници на бизнис заедницата од 17-те земји членки на ЦЕИ.