Гужвите се прават заради проблеми со апаратите за отпечатоци, но додека гласачите чекаат со маски на лицето никој не одржува растојание од метар и пол. Проблемот со гласањето се надминува со гласање на вообичаениот начин преку евиденција во избирачкиот список.

– Гласањето тече без проблем, единствено што има застој е поради апаратот за вчитување на отпечатоците на прстот, но благовремено се интервенира. Се прави малку поголема гужва заради апаратот, ама ги надминуваме со службите за информатичка поддршка. Излезноста е добра, за првите часа од гласањето, рече Марина Крстиќ, претседател на Избирачкото место 073 во објектот на Битолскиот музеј.

Претседателот на ОИК во Битола, Игор Талески, потврдува дека сите 170 избирачки места во Општина Битола се отворени навреме, право на гласање имаат 80.882 избирачи и дека сите проблеми се решаваат во од.

– Гласањето тече со одредени технички проблеми со уредите за идентификација. Се решаваат проблемите и ситуација се стабилизира. Ниту еден гласач не е вратен од гласање, вели Талески.

Во Битола најоддалечено избирачко место е селото Маловишта, а со најмал број на гласачи селото Острец, каде се запишани само 11 граѓани со право на глас.

Битолчани од новата локална власт очекуваат да им ги доправи започнатите улици и да ги реконструира сите оние со дупки и без соодветна инфраструктура.

– Сакаме да дојде градоначалник што ќе ги направи улиците. Сега сите што почнаа да ги прават пред избори да се доправат, да не газиме во кал цела зима, ама да се направат и нови, секаде каде што има дупки, каде што нема канализација да се среди веќе еднаш, вели битолчанката Наде, пензионерка која утрово го оствари своето право на глас.

Битолчани велат дека сакаат градот да биде чист, зелен и со цвеќиња, не само во центарот на градот, ами насекаде каде што има простор за зелени и цветни површини тоа да се направи.

– Да дојде градоначалник кој ќе бара работа и резултати од јавните претпријатија, а не само да седат и да земаат плата, а ние да ги плаќаме за нивното неработење, велат гласачи од Битола.