БИЗНИСОТ ПРОД ПРИТИСОК ОД ШЕНГЕН-ПРАВИЛАТА

Незадоволството од новите правила за влез во Шенген зоната се зголемува и кај домашните компании и кај странските инвеститори во земјава, а од понеделник се најавуваат проширени реакции и блокади на граничните премини кон Европската Унија.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, оцени дека мерките што ги воведе ЕУ не носат подобрување за Унијата, но предизвикуваат сериозни последици за бизнисот и протокот на стоки во регионот.

Тој истакна дека особено силни реакции доаѓаат од странските инвеститори кои работат во Македонија и кои, како што рече, веќе реагирале и во претставништвото на Европската Унија.

Азески посочи дека Европската Унија инсистира на поединечни разговори со секоја земја, што, според него, го отежнува согледувањето на целосната слика и создава дополнителни проблеми.

– Ние уште пред шест месеци преку заедничките регионални тела се обидовме да го отвориме ова прашање, но одговорот беше дека нема промена на одлуката и дека ќе се преговара со секој поединечно – рече Азески.

Тој информираше дека е испратено писмо до претседателката на Европската комисија, а според најавите, премиерот ќе отпатува во Брисел за директни разговори, со цел да се укаже на сериозноста на последиците од новите правила.

– Не очекувам брзо решение, но очекувам повлекување на одлуката – нагласи Азески.

Доколку се реализира најавата на превозниците од Западен Балкан, од понеделник за товарен сообраќај ќе бидат затворени граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека преминот Табановце–Прешево ќе биде затворен од српска страна.

БИЗНИСОТ ПРОД ПРИТИСОК ОД ШЕНГЕН-ПРАВИЛАТА