Американскиот шеф на дипломатијата Антони Блинкен денеска побара од Израел привремено да ја прекине воената офанзива во Газа за да дозволи испорака на помош во енклавата, no премиерот Бенјамин Нетанјаху одбива додека Хамас не ги ослободи сите заложници.

Блинкен, на своето второ патување во Израел за еден месец, се обидува да постигне рамнотежа меѓу поддршката на Вашингтон за Израел, кој претрпе крвав терористички напад од Хамас на 7 октомври, и загриженоста за цивилните жртви меѓу палестинското население изложено на израелските бомбардирања.

Блинкен на прес-конференцијата рече дека повикува на хуманитарна пауза за да се овозможи испорака на помош во Газа и да се олеснат напорите за ослободување на заложниците, а истовремено да му се дозволи на Израел да ја постигне својата цел да го победи Хамас.

Блинкен рече дека ова треба итно да се реши и оти верува дека овие проблеми може да се решат. Говорејќи по Блинкен, Нетанјаху ја отфрли идејата, објави Си-Ен-Ен.

„Јасно кажав дека продолжуваме со сите сили и дека Израел отфрла привремен прекин на огнот кој не вклучува ослободување на сите заложници“, рече Нетанјаху.

Како и Израел, САД ги отфрлаат меѓународните повици за прекин на огнот, но се обидуваат да го наведат Израел на паузи во борбите.