Близу 60% од граѓаните сметаат дека Македонија има неквалитетно образование, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 57,3% од анкетираните велат дека образованието во Македонија не е квалитетно наспроти 35,6% кои се убедени дека има квалитет. Споредбата со анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во 2019 година, покажува дека денеска незадоволството на граѓаните од образованието е уште поголемо, имајќи предвид дека бројот на оние кои сметаат дека не е квалитетно скокнал од 51,6% на 57,3%.
Kолку што е повисоко образованието на испитаниците, толку е и поголемо нивното незадоволство. 67,2% од граѓаните со високо образование сметаат дека образованието во земјава не е квалитетно. Тука некаде се и оние граѓани кои имаат завршено средно образование. 61,3% сметаат дека имаме неквалитетно образование.
Основното образование заедно со средното е најниско оценето од граѓаните. На скалата од 1 до 5 основното образование има средна оценка 2,65, а средното 2,64. Средната оценка за високото образование е 2,73.
Споредено со анкетата на Детектор од 2019 година, граѓаните на сите ниво на образованието ги намалиле оценките. Па така, средната оценка на основното образование од 2,85 паднала на 2,65, на средното од 2,73 се спуштила на 2,64 а на основното од 2,84 се намалила на 2,73.
Граѓаните се најнезадоволни од квалитетот на учебниците. Дури 64,8% од нив изразиле незадоволство од квалитетот на учебниците додека како задоволни се изјасниле само 19,6% Од наставните програми исто така има големо незадоволство. 56,8% од граѓаните рекле дека не се задоволни наспроти 22,1% кои рекле дека се задоволни. Од наставниот кадар не се задоволни 44,8% од анкетираните додека 36% немаат проблем со наставниците.
Споредено со пред 5 години, граѓаните во големо мнозинство сметаат дека денеска имаме полошо образование. 56,3% делат ваков став наспроти 25% кои не гледаат некаква промена. Само 9,6% од анкетираните велат дека денеска образованието е на повисоко ниво споредено со состојбата од пред 5 години. Истото прашање го имавме и на анкетата пред 4 години, а тогаш 48,9% сметаа дека образованието во последните 5 години станало полошо, наспроти 28,8% кои не
виделе промени и 18,3% кои тогаш сметале дека образованието е на повисоко ниво споредено со претходните 5 години.
49% од анкетираните велат дека квалитетот на образовниот процес во Македонија во споредба со земјите од регионот е полош. Една четвртина се на ставот дека е сличен а само 5,7% сметаат дека Македонија има подобро образование од земјите од регионот. И тука споредбата со анкетата на ИПИС од 2019 покажува дека перцепциите се влошени. Тогаш, 40,1% сметале дека во регионот има подобро образование, близу 30% не нашле некоја разлика а 10,4% сметале дека во Македонија има поквалитетен образовен процес во однос на земјите од регионот.
Главна причина според граѓаните зошто Македонија се наоѓа на најниските места на светските мерења за квалитетот на образованието е лошата наставна програма, став кој го делат 19,2% од граѓаните. 15,5% сметаат дека главна причина е несоодветниот наставен кадат, 12,7% проблемот го гледаат во неквалитетните учебници а 11% лошите услови во училиштата.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.