Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска присуствуваше на Министерскиот совет во рамки на Секретаријатот на транспортната заедница што се оддржа во Приштина, Република Косово.

Како што информира Министерството за транспорт и врски, покрај министерот Бочварски, на Советот присуствуваа и министрите за транспорт од Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а се разговараше за проширување на постојната ТЕН-Т мрежа (европска мрежа на коридори).

Министерот Бочварски во своето излагање ги презентираше трите предлози на Министерството за транспорт и врски за проширување на ТЕН-Т мрежата која поминува низ територијата на Република Северна Македонија.

-Средбите од овој тип се од особено значење особено кога на дневен ред имаме теми од исклучителна важност, како на пример претстојната ревизија на ТЕН-Т мрежите. Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, активно учествува во овој процес. Нашите три предлози се: Источниот дел од железничкиот Коридор 8 од сеопфатна да премине во главната мрежа на Коридори, понатаму железничкиот дел од Кракот 10-Д од Битола до Кременица и патиот дел од Велес до Меџитлија да премине во главната мрежа на коридори. И третиот предлог е почнувајќи од крстопатот на Коридорите 8 и 10 крај Скопје, па се до границата со Бугарија кај Ново село и поврзувајќи се со Коридорот 4, да влезе во Cеопфатната ТЕН-Т мрежа, рече Бочварски на Министерскиот совет во Приштина.

Министерот Бочварски потенцираше дека Министерството за транспорт и врски продолжува активно да работи на изградба и модернизација на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8, 10 и кракот 10-Д, со што ќе се овозможи поефикасно регионално поврзување и развој на економијата.

На Советот тој ги презентираше капиталните инвестиции во изградба на пругата кон Бугарија, како и инвестициите во изградба и модернизација на патниот коридор 8 и 10-Д.

Во рамки на Советот министерот Бочварски оствари и билатерална средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, на која разговараа за регионалното поврзување, заедничките проекти и економската соработка.