Можеби најактуелна тема периодов е задолжителната вакцинација за дечињата во градинација и ди-те-пер. Големата кашлица досега има над 170 случаи од кои најголемиот дел се во Скопје. Од овој понеделник забранет е прием во градинките за невакцинирани и нецелосно вакцинираните деца. За прашањата околу ревакцинацијата и останатите прашања денеска ќе заседава Комисијата за заразни болести.
На ваквите теми јавноста дава свое видување, а Никола Николовски пишувајќи под псевдоним „Боемот“ упатува жестока критика кон луѓето склони на теории на заговор кога е во прашање вакцината ди-те-пер. Неговиот став го пренесуваме во продолжение:
Антиваксерите и „интернет експертите” ѝ се спротивставуваат на науката
Ако просечниот животен век на човекот ако пред само стотина години бил околу 35 години истиот денес во светски рамки е 73 години. Значи, животниот век на човекот во претходните 100 години во светски рамки е зголемен ДВОЈНО. Ваквиот раст се должи на три фактори: хигиена, антибиотици и имунизација (вакцини). Човекот осознава за себе, медицината се развива, затоа и животниот век расте.
Актуелна е темата за вакцинација од ди-те-пер. Секое второ дете во Скопје е невакцинирано од оваа вакцина или пак нецелосно е вакцинирано. Ситуацијата не е таква во помалите градови низ Македонија, таму над 90 отсто од децата се вакцинирани. Логично, таму нема толку (речиси воопшто) заразени. Ди-те-пер се смета како вакцина која низ историјата се покажува како успешна во спречувањето на фаталните последици од пертусис – инфективно и заразно заболување предизвикано од бактерија која може да предизвика сериозна болест кај сите генерации, а најтешки кај дечињата и новородечињата.
Ди-пе-тер вакцината стана задолжителна во Македонија за дечињата да одат во градинка. И тука се појавија ИНТЕРНЕТ ЕКСПЕРТИТЕ кои создадоа паника. Слепо веруваат на „чамче муабет“ и теории на заговор кои не се базирани на факти.
Искрено јас сум ПРОТИВ задолжителна вакцинација (некои родители не можат да ги вакцинираат децата заради скоро прележани сипаници), но уште повеќе сум ПРОТИВ теории на заговор.
Проблемот настана и со ревакцинацијата. Уредно вакцинирани деца со сите дози и закажана ревакцина се враќаат од градинка да си чекаат ревакцина со месеци! Овде проблемот е во државата.
Дајте да им веруваме на докторите. Да бидеме дисциплинирани, да внимаваме на нашето здравје. Можеби за народ како нашиот најдобро е како во Југославија во 1972 кога за неколку недели масовно го вакцинирале целото население. Тогаш немало Фејсбук доктори.
Боемот 2.0
P.s. Не ја споредувајте оваа вакцина со онаа за Ковид бидејќи едното и другото немаат допирна точка.
НАПОМЕНА: Уште пред да го напишам текстот се оградувам од коментарите од типот „а ти експерт ли си“. Не, не сум туку само го пишувам како одговор на експертите кои никнаа како печурки.
View this post on Instagram