Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски утрово информира дека на негово барање, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презел мерки за утврдување на причини за настанување на апсолутна застареност за водење дисциплинска постапка по предлог поднесен против работникот Н.М.

Имено, од страна на Министерството за внатрешни работи до ОЈО ГОК поднесена е кривична пријава против горенаведеното лице за кривично дело „Злосторничко здружување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство“, при што за вработениот – полициски службеник одредена е мерка притвор во траење од 30 дена. Притоа од страна на ОВККИПС на 24.12.2022 бил доставен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

-Од страна на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при СВР Струмица на 15.01.2024 година била одржана расправа и притоа таа му предложила на министерот да донесе решение за утврдување дисциплинска мерка „парична казна“. Имајќи предвид дека согласно Закон министерот е должен решението да го донесе во рок од 12 месеци од приемот на одобрението од јавниот обвинител, истиот рок истекол на 21.12.2023 со што членовите на комисијата сториле кршење на Дисциплинскиот договор на МВР, објави Тошковски на социјалните мрежи.

Како што обелодени министерот, имајќи го предвид ова, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, поднесе известување до надлежното Обвинителство и поведување дисциплинска постапка против лицата А.Т. на работно место Главен инспектор за разузнавање во ОКРА при СВР Струмица, Б.К. на работно место командир во ПС од ОН Радовиш и Ј.В. на работно место Помошник началник во СВР Струмица.