Бојан Јовановски-Боки 13 кажа дека добил екстерен хард диск со податоците од неговиот телефон, а во кој има куп пораки со поранешни и сегашни високи функционери, објавува Скопје1.
Кажа дека до Кривичен суд доставил ИТ-вештачење кое бара да се изведе во нова судска постапка за „Рекет“. Потсети дека на судењата биле презентирани неколку пораки кои ги разменувале со експремиерот Зоран Заев, а дека има цела комуникација која ќе даде друго светло на случајот.
„Во судот, доставивме и вештачење од проф. Орце Симов, од мојот телефон, и сега судот може да го извештачи и да тргнеме во една постапка кога ќе се види не само селектираните докази кои ги презентираше Русковска. На пример, од Бојан Јовановски и Зоран Заев се презентирани 2-3 пораки. Од тие излезе дека Зоран Заев знаел за ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла дека тој е човекот кој го бранел законот. Тој е се, само не е човекот кој го бранел законот!“, рече Јовановски.
Посочи дека тој е осуден за дело кое го сторил Зоран Заев.
„Зоран Заев беше човекот кој комуницираше со сите овие лица кои беа засегнати од постапките на СЈО, Зоран Заев беше човек од позиција на моќ, кој имаше реален авторитет каде можеше да влијае на многу постапки и влијаеше на многу постапки. И на крајот, Зоран Заев е човекот кој изврши влијание за целосно да му биде вратен пасошот на Орце Камчев за она за што сум осуден! Тоа го имам како материјален доказ“, додаде Јовановски.