Водечкиот принцип во Европската Унија е дека ние Европејците одлучуваме за тоа кој доаѓа во Европа, кој ги преминува нашите граници и под кои околности, а не шверцерите и трговците со луѓе, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против шверцот со мигранти во Брисел, на која учествува и македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Пред две години, ветивме дека ќе изградиме Глобална алијанса за борба против шверцот со мигранти. Тоа е духот што нè доведе денес овде, рече Фон дер Лајен.
Според неа, како резултат на мерките преземени против мрежите на шверцерите на луѓе, од почетокот на годината во ЕУ е забележано намалување на приливот на мигранти за 26 отсто, по ланскиот пад од 37 проценти.
– Но, разоткривањето на мрежите останува исклучително предизвикувачко. Не е доволно да се таргетира само една алка во синџирот на шверцување. Мора да се бориме против целата мрежа. Затоа, на оваа Конференција, ја подигнуваме нашата Глобална алијанса на следно ниво. Денеска поддржуваме заедничка Декларација, план за ставање крај на бизнис моделот на шверцување мигранти низ целиот свет, рече Фон дер Лајен.
Таа посочи дека тој план се базира на три принципи – пресекување на мигрантските рути, мерки за спротивставување на шверцерскиот бизнис модел и укажување на потенцијалните жртви на шверцот дека секогаш постојат побезбедни алтернативи.
– Нашата цел е да го спречиме илегалниот превоз што го нудат шверцерите. Секое спречено шверцување е потенцијално спасен живот. Превенцијата е витален дел од сеопфатните партнерства што ги градиме. Јадрото на овие партнерства е да се привлечат инвестиции и да се изградат локални работни места, така што многу повеќе луѓе ќе имаат можности дома. Но, додека го правиме тоа, инвестираме и повеќе во управувањето со миграцијата, граничната контрола и борбата против шверцот, рече Фон дер Лајен.
Како зајакнат одговор на шверцот на мигранти, Фон дер Лајен најави дополнителни средства и персонал на Фронтекс, со тројно зголемување на неговите гранични сили на 30.000 службеници, бидејќи како што рече, безбедните граници се од витално значење за праведно и безбедно управување со миграцијата.
Според неа, потребни се повеќе заеднички акции на земјите членки вклучени во Глобалната алијанса за разбивање и банкротирање на мрежите на шверцерските банди.
– Мора да го подобриме и следењето на парите до бандите. Така ги лоцираме шверцерите, ги прекинуваме нивните финансиски текови и ги запленуваме нивните нелегално стекнати добивки … Затоа Европа развива строг нов режим на санкции против шверцерите – во координација со нашите партнери од Г7. Сакаме да можеме да ги замрзнеме средствата на шверцерите, за да ја уништиме нивната финансиска база, рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека шверцерите на луѓе сè почесто ги напуштаат традиционалните начини на превоз на мигранти со чамци или камиони и наместо тоа сè повеќе го користи комерцијален транспорт.
– Затоа мора тесно да соработуваме со транспортните компании на клучните рути. Благодарение на нашата иницијатива, меѓународниот регулатор за авиокомпании ИЦАО сега ќе ги засили своите напори за спречување на шверцувањето мигранти и илегалната миграција. Операторите за воздушен транспорт и аеродромите ќе соработуваат многу потесно со органите за спроведување на законот за да ги спречат илегалните текови и да им помогнат на луѓето во неволја, додаде Фон дер Лајен.
Таа посочи дека кога луѓето илегално ги преминуваат границите, не само што го ризикуваат својот живот, туку многу често стануваат и жртви на трудова експлоатација и модерно ропство, па затоа Глобалната Алијанса мора да направи повеќе за да се бори против ваквите појави.
– Сите имаме заедничка цел: Да ги потиснеме шверцерите од бизнисот и да ги спасиме животите на илјадници луѓе кои сонуваат за подобар живот. Имаме долг пат пред нас, но нашата Алијанса расте. Затоа, од денеска, Алијансата се префрла на поформална структура, со постојан Секретаријат и финансирање, со цел подобро да одговара на нашите растечки амбиции. Ќе ги продлабочиме нашите врски со организации со слични размислувања, како што се Г7, Советот на Европа и агенциите на ОН. Ги повикувам и другите земји и организации кои ја делат нашата посветеност да се приклучат на нашите напори и да ја поддржат Декларацијата, додаде Фон дер Лајен.
Извор: Курир
