Во Скопје ќе се одржи состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија, додека во Охрид премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на средбата помеѓу српскиот претседател и косовскиот премиер, како и претставниците на ЕУ, во рамки на дијалогот помеѓу Белград и Приштина
Денеска во официјална посета на земјава треба да пристигне високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Тој во земјава ќе биде три дена, од кои утре и задутре ќе ги помине во Скопје, а в сабота ќе биде во Охрид.
Во Скопје, како што е најавено, тој ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија, кој треба да се одржи утре, додека денеска треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски.
Во неговата агенда се средби и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието Талат Џафери, замениците-претседатели, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието на Северна Македонија.
Од Скопје, Борел со Ковачевски ќе замине за Охрид каде на 18 март се очекува да има продолжение на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, а на кое ќе присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.