Европската унија ја осуди последната рунда руски напади врз украинските градови и рече дека неодамнешното гранатирање во западна Украина покажува дека ниту еден дел од земјата не е безбеден.
„Украина по неколку недели е погодена од најинтензивните ракетни напади од страна на Руската Федерација. ЕУ го осудува континуираното недискриминирачко и незаконско гранатирање на цивили и цивилна инфраструктура од страна на руските вооружени сили“, рече денеска шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел
Европскиот функционер рече дека неодамнешните напади врз Лавов и „другите градови во западна Украина покажуваат дека ниту еден дел од земјата не е поштеден од бесмислениот напад на Кремљ“.
Борел рече дека ЕУ продолжува да ја поддржува истрагата на Меѓународниот кривичен суд за воените злосторства во Украина и ја повика Русија уште еднаш „веднаш и безусловно да ги прекине непријателствата и да ги повлече сите сили и воена опрема“ од земјата,објави Си-Ен-Ен.