– Дозволете ми да нагласам многу јасно дека нема поддршка за раздвојување ниту во институциите на ЕУ, ниту меѓу земјите-членки. Северна Македонија ги исполни потребните услови за започнување на пристапните преговори и слично како и Албанија заслужува да продолжи во следната фаза од процесите без одложувања, порача Борел, при што истакна поддршка и за посветеноста на Македонија кон европскиот пат.

Заев истакна дека тој и делегацијата имаа јасна мисија овие денови во Брисел – да ја пренесат пораката од македонските граѓани до официјалните претставници на ЕУ дека работевме напорно, испорачавме и дека сакаме да и го дадеме нашиот фер-удел на иднината на Европа.

– Ние дишеме, живееме и растеме со европските идеи и вредности! И знаеме дека нема друг начин освен европскиот. Ние сме посветени на нашите заеднички вредности и на спроведувањето на стандардите и критериумите на ЕУ. И, ние не сакаме да стоиме и да чекаме повеќе. Ние сакаме да се движиме затоа што движењето напред е европски начин. Ние сме за мобилност, а не за sидови, порача Заев по средбата со високиот претставник на ЕУ, Борел.

Притоа, премиерот Заев порача дека „ние не бараме повеќе од она што заслужуваме, а тоа е да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно поскоро“, што како што оцени Заев беше признаено како заслужено и потврдено од март 2020 година и Северна Македонија ги исполни своите обврски и сега е време ЕУ да ги испорача, порача премиерот Заев.

– Можеме ли да зборуваме за Западен Балкан без Северна Македонија? Можеме ли да зборуваме за Европа без Западен Балкан? Не! Се боревме многу во последните децении и во минатиот век со цел да го најдеме патот кон мирот и толеранцијата. И сега сите сме подготвени да се интегрираме, да сонуваме заедно и да постигнуваме заедно, додаде Заев.

Тој подвлече дека позитивен чекор напред за Република Северна Македонија, е порака за охрабрување и за целиот регион и повлекувањето, за Северна Македонија ќе биде порака за обесхрабрување за целиот Западен Балкан.

Борел порача дека по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ за важноста на Западен Балкан и за континуираната дури и зајакната посветеност на овој регион, била потврдена европската перспектива на целиот регион.

Тој подвлече дека постои многу силна поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија што е можно поскоро.