Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, престојува во работна посета на Виена, каде што отвори нови можности за соработка меѓу Македонија и Австрија во областа на енергетиката. На маргините на меѓународната програма „Жени лидери 2026“, таа оствари низа средби со високи австриски претставници посветени на енергетската транзиција и управувањето со кризи.

Во рамки на програмата организирана од престижната Дипломатска академија во Виена, Божиновска учествуваше на сесија за оперативно управување со кризи, а одржа и клучна работна средба со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија. На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во енергетскиот сектор и можностите за зајакнување на билатералната и економската соработка.

Агендата продолжи со работен ручек со директорот на Дипломатската академија, амбасадорот Мартин Ајхтингер, на кој се дискутираше за лидерството, јавната служба и меѓународната размена на искуства.

Во продолжение на престојот, предвидено е министерката Божиновска да одржи предавање пред студентите на Дипломатската академија во Виена, каде што ќе ги презентира македонските процеси за развој на обновливи извори на енергија, модернизација на инфраструктурата и регионално поврзување.