Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година, со кој се врши приспособување на приходната и расходната страна. Корeкцијата доаѓа како директен резултат на фискалното влијание од преземените владини мерки за поддршка на граѓаните и бизнис-секторот преку намалување на акцизата и ДДВ-то за горивата.
Со предложените измени, вкупните приходи во државната каса се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека вкупните расходи се планирани на 420,5 милијарди денари. Притоа, буџетскиот дефицит се задржува на претходно проектираното и непроменето ниво.
Основната цел на овие измени е да се одржи фискалната стабилност на јавните финансии, да се овозможи непречено и редовно функционирање на државните институции, како и непречена реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите финансиски обврски.
Предлог-текстот за измени и дополнувања на Буџетот во следните денови ќе биде доставен до Собранието на понатамошно разгледување и конечно усвојување од страна на пратениците.
