Бразилскиот Сенат денеска одобри интервенција на федералните сили во главниот град на Бразил, откако во неделата поддржувачи на поранешниот претседател Жаир Болсонаро упаднаа во зградите на клучните државни институции.

Одлуката за интервенција на федералните сили ја донесе бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва по нередите во неделата. Одлуката беше одобрена од Долниот дом на бразилскиот конгрес.

Повеќе од 600 полицајци ќе бидат префрлени од 15 различни бразилски држави во главниот град, јавија светските агенции, повикувајќи се на бразилски медиуми.

По немирите во главниот град, властите испрашуваа околу 1.000 демонстранти приведени во фискултурна сала.

– Луѓето не треба да го поврзуваат татко ми со неделните настани во Бразил. Не обидувајте се да измислувате лажни приказни дека Болсонаро има врска со овие неодговорни дејствија, изјави денеска сенаторот Флавио Болсонаро, син на Жаир Болсонаро.