Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу оцени дека војната во Украина ја истакна „важната улога“ на Западен Балкан во зачувувањето на мирот и стабилноста на источните граници на Европа.
– Европската Унија и Западен Балкан имаат голем број заеднички растечки безбедносни закани кои не познаваат граници, од радикализација, насилен екстремизам и враќање на странски терористички борци до илегална миграција, организиран криминал, корупција, дезинформации и кибер напади. Овие заеднички приоритети беа потврдени со војната во Украина, при што јасно се истакна важната улога на Западен Балкан во зачувувањето на мирот и стабилноста на источните граници на Европа, рече Брегу на отворањето на седмата годишна безбедносна конференција во Рим.
Таа додаде дека двајца од тројца граѓани на Западен Балкан веруваат дека војната во Украина претставува ризик за нивната економија, соопшти денеска РСС. Притоа, 77,3 отсто од нив го посочиле економскиот пад како најзагрижувачко влијание на војната, а 62,6 отсто од нив ја истакнале сигурноста во достапноста до храна и енергенси.
– Најголемиот процент од граѓаните на Западен Балкан, 85,6 отсто од нив, сметаат дека војната во Украина ја нагласува потребата од поитни инвестиции во обновливите извори на енергија. На крајот, но не и најмалку важно, мнозинството од испитаниците од Западен Балкан, 78 отсто – се загрижени поради количината на различни лажни вести, дезинформации, полуинформации и пропагандни активности, рече Брегу, додавајќи дека 82,9 отсто од луѓето во регионот се согласуваат дека регионалната соработка може да им помогне на нивните економии да ја зајакнат економската отпорност како одговор на негативните ефектите од војната.
Годишната голема безбедносна конференција се повеќе го насочува вниманието на регионалните и меѓународните безбедносни актери во регионот и помага да се воспостават клучни врски за координација и рационализација на активностите во областа на безбедносната соработка, се вели во соопштението на РСС.