Потенцијален договор меѓу САД и Русија за Украина и реакции од ЕУ

Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека секој можен договор меѓу САД и Русија, кој се однесува на Украина, мора задолжително да ги вклучи Киев и Европската унија. Таа предупреди дека прашањето е клучно за безбедноста на Украина и целата Европа.

Калас најави дека утре ќе свика состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, за да се разгледаат идните чекори и развојот на настаните.

– САД имаат капацитет да ја натераат Русија сериозно да седне на преговарачка маса. Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина, а потенцијалниот договор не смее да создаде услови за нова руска агресија врз Украина, НАТО или Европа – нагласи Калас.

Изјавата доаѓа во пресрет на планираната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажана за следниот петок на Алјаска.