Вашингтон за акцијата во Венецуела нема поддршка од ЕУ

Европската унија не дава јасна оценка дали ја осудува акцијата на САД во Венецуела, но од реакцијата на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас произлегува дека Брисел не стои зад нападот врз земјата ниту зад апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Од нејзината изјава може со сигурност да се заклучи само дека Вашингтон за акцијата во Венецуела нема поддршка од ЕУ, додека прашањето дали станува збор за кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации останува без експлицитен одговор.

Калас во јавна изјава информира дека остварила разговори со американскиот државен секретар Марко Рубио, како и со амбасадорите на Европската унија во Каракас, нагласувајќи дека институциите на ЕУ внимателно ја следат состојбата во Венецуела, без да изнесат конкретна оценка за судирот.

Во тој контекст, таа ја повтори досегашната позиција на Унијата во однос на венецуелските власти.

„ЕУ постојано изјавува дека на г-дин Мадуро му недостасува легитимитет и се залага за мирна транзиција. Под сите околности, мора да се почитуваат принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН. Апелираме на воздржаност.

Безбедноста на граѓаните на ЕУ во земјата е наш врвен приоритет”, објави Калас.