„Емергекс“ е основана во Абингдон во 2016 година и се занимава со развој на Т-клеточни вакцини, дизајнирани од проф. Томас Радемахер, извршен директор на компанијата и почесен професор по молекуларна медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Лондон, пренесува „Гардијан“.

Ваквите вакцини ги „упатуваат“ Т-клетките да ги отстранат инфицираните клетки од телото веднаш по инфекцијата, со што се спречува репликацијата на вирусот и развојот на болеста.

И додека антителата произведени по вакцинацијата со постоечките вакцини против Ковид се лепат за вирусот и на тој начин го оневозможуваат во обид да ги инфицираат клетките, Т-клетките ги наоѓаат и уништуваат заразените клетки. Треба да се напомене дека вакцините како што се тие на „Фајзер/Бионтек“ и на „Астразенека“ исто така произведуваат одговор на Т-клетките, но во помала мера.

„Емергекс“ доби зелено светло од швајцарскиот регулатор за лекови за спроведување на првични испитувања на луѓе во Лозана.

Почнувајќи од 3 јануари, 26 волонтери ќе добијат високи и ниски дози од неговата експериментална вакцина против Ковид-19, а прелиминарните резултати од студијата се очекуваат во јуни. Вакцината би можела да биде завршена во 2025 година.

Научниците се согласуваат дека ова откритие би можело да го отвори патот за нова генерација вакцини кои реагираат на Т-клетки, што исто така може да резултира со подолготраен имунитет.

Студијата објавена минатата недела во списанието Nature покажа дека некои луѓе доживуваат таканаречена „абортирана инфекција“, што значи дека вирусот успева да влезе во телото, но многу брзо се исчистува од Т-клетките на имунолошкиот систем на најраната фаза на инфекција. Ова на крајот резултира со негативен резултат на PCR тестот или брз тест на ковид-19.