Европската Унија и Велика Британија, во заедничка изјава по вториот самит ЕУ – Велика Британија одржан во Брисел, ја потврдија својата посветеност на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. Двете страни најавија дека ќе работат заедно за зајакнување на внатрешните реформски агенди на земјите од регионот, вклучувајќи го владеењето на правото, демократијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, решавањето на заедничките безбедносни предизвици и поттикнувањето на одржлив економски раст.
Во соопштението се наведува дека ЕУ и Велика Британија, во сѐ посложен и предизвикувачки геополитички контекст, се посветени на тесна соработка во рамките на стратешко партнерство, како и на исполнување на заедничката одговорност за безбедноста на Европа и пошироко.
Истовремено, потврдена е непоколебливата поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници, а Русија е осудена како агресор.
