Советот на началници на националната полиција, што го координира спроведувањето на законот низ цела Велика Британија, денеска соопшти дека се уапсени 1.100 лица и запленети 292 парчиња оружје, како дел од националната акција против бандите за трговија со дрога – наречена „окружни линии“.
„Окружни линии“ е модел на дистрибуција на дрога каде што луѓето користат мобилни телефони за да помогнат во нејзиното изнесување од поголемите градови во руралните области. Во овој процес често пати се користат деца и возрасни од ранливите категории.
Најновите апсења се реализирани меѓу 17 и 23 мај, јави ДПА.
Британските полициски сили заедно проверувале потерници и пресретнувале возила што потенцијално биле вклучени во активноста на моделот „окружни линии“.
ДПА пренесува дека вкупно биле посетени 904 адреси, спасени 1.138 ранливи лица, запленети 292 парчиња оружје, вклучувајќи и 33 парчиња огнено оружје и 219 ножеви, како и 80 запленети мобилни телефони поврзани со линиите за дистрибуцијата на дрога.
Во Велика Британија се претпоставува дека во моментов има околу 600 окружни банди, што е многу помалку од околу 2.000 пред две години.