Планираните железнички проекти во Србија вредат повеќе од шест милијарди евра, додаде Брнабиќ, нагласувајќи дека целта на Србија е целосно да се модернизира железничкиот сообраќај и со железница да се поврзе со сите земји во регионот и Европската унија.
Брнабиќ посочи дека целта е железницата да биде примарен вид превоз, и патнички и товарен, потсетувајќи дека 2021 година е година на железницата во Европската унија.
На белградската железничка станица Центар – Прокоп таа го пречека возот „Connecting Europe Express“ , кој беше дизајниран од Европската комисија како дел од Европската година на железниците.
Возот ќе го мине континентот и Западен Балкан како составен дел од него. Со тоа се означи почетокот на Железничкиот самит во Белград.
Самитот е организиран од Транспортната заедница, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а домаќин е српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура.
Во видео пораката на отворањето на Самитот, еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеј изјави дека ЕУ е подготвена да ги поддржи земјите од Западен Балкан во модернизацијата на железничкиот сообраќај, кој, како што рече, е важен за поврзување на регионот, но и на регионот со ЕУ.
Тој истакна дека клучна програма за инфраструктурниот развој на регионот е „Економскиот инвестициски план за Западен Балкан“ вреден 30 милијарди евра, кој Европската унија го одобри за регионот. Тој прецизираше дека милијарда и пол евра ќе бидат вложени во развој на брза пруга на Коридорот 10, кој ќе ја поврзе Србија со Бугарија и со Грција, како и развој на Коридорот 4, со кој Белград се поврзува со Подгорица и пристаништето Бар во Црна Гора.