Холандија побарала пауза во процесите што се однесуваат на натамошната интеграција на Црна Гора во Европската Унија, сметајќи дека е потребна дополнителна анализа и доследна примена на сите дефинирани стандарди. Во тоа барање ѝ се придружиле Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија, со што е создаден дополнителен притисок врз досегашното темпо на преговорите, пишува подгорички „Дан“.

Според црногорскиот медиум, споменатите држави инсистираат на детална проверка на исполнетоста на клучните критериуми пред да бидат донесени какви било нови одлуки на европско ниво.

Според извор на „Дан“ од Брисел, во овој момент целосно е неизвесно кога ќе дојде до напредок кон затворање на поглавјата и закажување на Меѓувладина конференција.

Расправите во рамки на работните тела покажуваат сериозни разлики во пристапите на земјите-членки, додека дипломатите предупредуваат дека без целосна согласност на сите страни не е можно да се направат следните чекори.

Атмосферата во европските кругови ја одразува воздржаноста, па се очекува претстојните средби да поминат во интензивни разговори со цел повторно да се воспостави минимален консензус, пишува „Дан“.

Она што сега, се чини, е веќе извесно е дека нема да има затворање на поглавја на маргините на Советот на ЕУ овој месец, како што се очекуваше и како што беше најавувано.

Како што пренесува РТЦГ, интензивно се работи на добивање зелено светло за некои од нив.

„Многу од тие поглавја се мошне технички и бараат секоја земја-членка да спроведе опсежни внатрешни консултации. Значи, постои желба да се постигне напредок. Апсолутно сме сигурни во тоа и секако туркавме амбициозна агенда во смисла на добивање одобрение, но, едноставно, мислам дека всушност ни снема време за работата да се приведе кон крај. Речиси е завршена. Значи, станува збор за факторот време, пред сè“, изјавил претставник на ЕУ.

Тој истакнал дека во текот на јули бил вложен голем напор, кога биле одржани четири меѓувладини конференции, како за отворање кластери за Украина и Молдавија, така и за затворање поглавја за Албанија и Црна Гора.

Според неговата претпоставка, актуелните случувања најверојатно претставуваат влегување во нов циклус на разгледување и одобрување на нацрт-заедничките позиции за затворање на различни поглавја.

Црна Гора досега затвори 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја.

Последната Меѓувладина конференција на која беа затворени поглавја се одржа во јули. Тогаш се зборуваше за можноста за затворање на уште едно поглавје пред летната пауза, меѓутоа, рампата за поглавјето 14 ја постави Хрватска.

Тоа е второто поглавје чие затворање го попречи оваа соседна држава. Хрватска досега даде согласност за затворање на речиси сите поглавја, но го задржува резервираниот став кон поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика, а веќе две години е блокирано и поглавјето 31, што се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Меѓувладина конференција во средината на октомври како најоптимистичко сценарио

Пред Европската комисија во моментов се наоѓаат девет преговарачки позиции, а министерката за европски прашања, Маида Горчевиќ, најави дека до крајот на годината ќе бидат испратени и позициите за преостанатите пет поглавја.

Со таквите пораки се одржува оптимистичната прогноза дека Црна Гора би можела да ја оствари поставената цел и до крајот на годината да го заврши преговарачкиот процес со ЕУ.

Сепак, актуелната ситуација во европските дипломатски кругови јасно укажува дека сè уште не е извесно кога би можеле да бидат затворени уште поглавја. Најоптимистичкото сценарио е првата следна Меѓувладина конференција да се одржи во средината на следниот месец во Луксембург, пишува „Дан“.