Инфективната клиника во Скопје е пополнета со ковид пациенти, а ќе се активираат и останатите такви центри. Во пресрет на утрешното стапување во сила на рестриктивните мерки ресорниот министер Венко Филипче најави дека освен вакцинираните, во угостителските објекти и на настаните на отворено ќе им биде дозволен влез и на лицата кои прележале Ковид-19.

Како што објави вчера МЗ, во претходното деноноќие од направени 9.270 тесторања, регистрирани се 792 нови случаи на Ковид-19, од компликации од вирусот починале десет пациенти, а 104 оздравеле. Како и во изминатите денови, најголем број новозаразени се во Скопје – 245, по што следат Тетово – 136, Гостивар – 127, Куманово – 59, Кичево – 42, Струмица – 37… Пријавените починати лица се на возарст од 33 до 84 години. Бројот на активни случаи со Ковид изнесува 5 043.

Со оглед на наглиот раст на бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани со Ковид-19 во следните недели, според Филипче, ситуацијата може да биде критична, но здравствениот систем е подготвен за новиот бран. Вакцинацијата е безбедна, ефикасна и ефективна, порача Филипче при вчерашната посета на Општата болница во Охрид.

Анализата на Министерството за здравство покажува дека од вкупно 3497 пациенти дијагностицирани изминатите седум дена, 3047 се невакцинирани, односно само десет проценти се вакцинирани и се позитивни, а тие кои се во болница на лекување имаат прилично стабилна состојба.

Бројот на новодијагностицирани и хоспитализирани, укажа министерот, е посебно голем во градови каде што опфатот со вакцинација е околу дваесетина проценти. Тоа се Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево… Во Охрид опфатот со вакцината е 50 проценти и има помалку од десет хоспитализирани пациенти.

-Тука се исполнуваат инфективните одделенија, дел од пациентите се префрлаат во Скопје. Инфективната клиника е пополнета со овие пациенти, секако и со дел од пациенти кои се дијагностицирани во градот Скопје. Сега се активираат останатите ковид центри. Системот е спремен, лекарите во тимовите за ротација. Спремни сме да го дочекаме притисокот од овој бран, рече Филипче.

Се очекува да се зголеми опфатот на вакцинација, со оглед на ,како што рече ресорниот министер одличниот одѕив после најавата за новите мерки кои стартуваат од 16 август. Има, вели, сосем доволен број вакцини, а следи и донација од Република Бугарија од вакцината „Фајзер“.

– Она што е очигледно за сите држави е дека се инсистира на вакциција, рече Филипче, кој упати на примерот на Канада каде што ќе биде задолжителна вакцинацијата на сите во јавниот сектор.

Со дополнувањето на рестриктивните мерки, во угостителските објкети ќе може да влезат и прележани од Ковид -19. -Овие лица доволно е да поседуваат медицинска потврда дека биле заболени од Ковид -19, но само првите 45 дена, сметајќи од денот кога оздравеле. По завршувањето на овие 45 дена, од прележувањето, и за овие граѓани ќе важи дека за влез во објекти треба да приложат серитификат за вакцинација, односно потврда за примена барем прва доза вакцина, изјави Филипче.

Новите рестриктивни мерки, порача, се во насока на заштита на јавното здравје. Такви мерки се воведени во сите развиени земји во Европа и во светот. Во принцип за сите важи потребата од приложување сертификат за вакцинација, единствено што е воведено како забрана за огранизирање свадби и веселби во затворен простор, од причина што на такви прослави тешко се спроведуват и запазуваат протоколите за заштита.