Центарот за управување со кризи информира дека пожарот кај село Раовиќ, Општина Сарај, е активен после осумдневно постапување. Овој пожар го следат и француски експерти, а на помош се приклучил и хеликоптер од Црна Гора, кој извршил 12 налета испуштајќи поголема количина на вода.

Друг поголем активен пожар во државата веќе втор ден има во околината на Општина Центар Жупа. Затоа, денеска наутро во координација на Главниот штаб на ЦУК ќе бидат активирани два хеликоптера, 40 припадници на Армијата, 30 припадници на специјалните полициски сили, 15 припадници на ЈП Национални шуми, како и две територијални против пожарни единици.

Инаку, во текот на вчерашниот ден се ставени под контрола неколку други помали пожари, помеѓу селата Барово и Вешје, тој во близина на планинарскиот дом Китка, како и пожарите во Кратово и Гевгелија.

Според првичните проценки, од 28.000 хектари шума на територија на Општина Делчево, изгорени се околу 2.400 хектари или околу 8 проценти од вкупниот шумски фонд во Општината.

Од Владата истакнаа дека преземаат активности за првична помош за најпогодените од пожарите, додека, како што најавија, ќе се направи целосна проценка на штетата со цел обештетување.

Од Јавното претпријатие „Национални шуми“, пак, посочуваат дека за околу една седмица ќе знаат колку хектари е опожарената површина и каков вид на шума е изгорена, како и колку е во државна, а колку во приватна сопственост.