Повеќе од 20.000 луѓе загинаа, а десетици илјади се повредени во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, покажуваат најновите податоци објавени од официјалните лица во тие земји. Медиумите објавија дека меѓу жртвите има и момче со српско потекло. Министерството за внатрешни работи на Србија испраќа дополнителни спасувачки сили во Турција.
Спасувачките тимови трагаат по преживеани во илјадници урнатини на згради, и покрај студеното време и по 125 последователни потреси во регионот.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган призна дека имало пропусти во државното управување на почетокот на трагедијата, но оцени дека ситуацијата сега е под контрола.
Во меѓувреме, западните санкции ги отежнуваат напорите за испорака на помош за Сирија.
Новиот биланс на загинати од разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија сега изнесува најмалку 20.451, соопштија официјални лица.
Во Турција, бројот на загинати се искачи на повеќе од 17.000, соопшти турската Агенција за вонредни состојби и катастрофи.
Бројот на загинати во Сирија надмина 3.300, вклучително и 1.970 во областите на северозападот под контрола на бунтовниците, соопштија Белите шлемови. Вкупно 1.347 смртни случаи се регистрирани во делови од земјата под контрола на сирискиот режим, објавија државните медиуми.
Хуманитарните агенции предупредија дека бројот на жртви само ќе расте, особено во Сирија, каде спасувачките тимови бараат преживеани во илјадници урнати згради и покрај жестокото студено време и високиот ризик од последователни потреси.