Бројот на жртвите на силните бури во двете најнаселени канадски провинции, Онтарио и Квебек, се зголеми на најмалку осум, соопштија локалните власти.
Службите за итни случаи продолжуваат со обнова на уништените столбови за да може да се обнови снабдувањето со струја во домовите на половина милион жители на двете провиници, објави „Гардијан“.
Невремето, што во саботата попладне траеше повеќе од два часа и беше со јачина на торнадо, остави траги на уништување во делови од провинциите Онтарио и Квебек.
Ветровите со брзина од 132 километри на час соборија дрвја, урнаа електрични столбови и уништија бројни далноводи.
Компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија се обидоа вчера да го повратат снабдувањето со електрична енергија, а најголем број смртни случаи имаше од паднати дрвја, соопштија владини претставници.
Премиерот Џастин Трудо изјави дека федералната влада е подготвена да им помогне на луѓето на кои тоа им е потребно.
-Размислуваме за сите што беа погодени и благодарни сме на тимовите кои работат на враќање на електричната енергија, напиша Трудо на Твитер.
Најголемата дистрибутивна мрежа за електрична енергија во Онтарио, Хидро 1, соопшти дека ја вратила електричната енергија во повеќе од 360.000 домови, но до рано утринава 226.000 домаќинства сè уште беа без струја.