Шест лица се приведени, а уште едно е повикано на службен разговор по полициската акција во гостиварското село Добридол, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое млади лица пукаат со оружје за време на семејна веселба. При претресите на повеќе локации биле пронајдени и одземени пиштоли, ловна пушка, муниција и испукани чаури, соопшти МВР.
Во 18 часот полицијата извршила претрес кај И.С. (21) од Добридол, а пет минути подоцна и кај А.И. (30), каде бил пронајден и одземен гасен пиштол. Во исто време бил извршен претрес и кај И.Б. (25) од истото село.
Во 18:15 часот бил претресен домот на Б.А. во Добридол, каде биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, додека во дворот имало 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје. Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) биле лишени од слобода.
Десет минути подоцна, при претрес кај Т.М. (26), полицијата пронашла и одзела еден пиштол со осум куршуми, ловна пушка со седум куршуми и гасен пиштол. И тој бил приведен, а С.М. бил повикан на службен разговор.
Сите приведени се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
