Како што јави дописникот на МИА од Софија, приоритетите на бугарското претседателство се поврзани со социо-економските последици од Ковид-19, подобрувањето на поврзаноста, младите и соработката меѓу локалните власти. За реализација на приоритетите во 2022 година ќе се одржат настани на високо и експертско ниво, како и средби на шефови на влади и министри за надворешни работи на земјите членки.
Централноевропската иницијатива е основана во Будимпешта во 1989 година, а седиштето е во Трст. Вклучува 18 земји-членки со површина од 2,4 милиони квадратни километри и население од речиси 250 милиони луѓе. ЦЕИ е првиот регионален форум на политичката карта на Централна, Источна и Југоисточна Европа, има најдолга историја и најголема територија меѓу сите регионални организации, процеси и иницијативи.