Бугарија од јуни ќе почне да добива американски течен природен гас (LNG), што ќе и помогне во снабдувањето на пазарот откако рускиот „Газпром“ го прекина снабдувањето со гас, соопшти денеска бугарската Влада.
Аранжманот беше договорен на средбата меѓу премиерот Кирил Петков и американската потпретседателка Камала Харис во Вашингтон, соопшти владата.
-Испораките на течен природен гас за Бугарија по цени пониски од оние на „Газпром“ се договорени од јуни, се наведува во соопштението на владата, без да се дадат дополнителни појаснувања.
„Газпром“ од 27 април ја прекина испораката на гас за Бугарија и Полска, затоа што одбија да плаќаат во рубљи.
Бугарија годишно троши околу три милијарди кубни метри гас, од кои над 90 отсто доаѓа од Русија.
Бугарија е во преговори со Азербејџан за зголемување на испораките на гас и се обидува да преговара за ЛНГ преку терминалите во Грција и Турција.