Парламентот на Бугарија во вторникот ја потврди проевропската влада, која е резултат на тешките преговори меѓу двете најголеми партии, по повеќе од две години нестабилност и пет избори во таа сиромашна балканска земја, пренесува Хина повикувајќи се на АФП.

Новата влада, главно составена од експерти предводени од научникот Николај Денков, лесно беше одобрена од Собранието, каде има 132 од 240 места. Денков, поранешен министер за образование, избран од либералната реформистичка коалиција ЦК/БД, ќе биде премиер девет месеци.

Во работата ќе му помага поранешната еврокомесарка Марија Габриел, која беше предложена од конзервативната партија Герб. Четириесет и четиригодишната функционерка ќе го води Министерството за надворешни работи додека не го преземе кормилото на Владата во март 2024 година.

Двете политички сили, кои беа изедначени на парламентарните избори на 2 април, објавија на 22 мај дека постигнале договор со кој ставија крај на политичката криза што не беше видена од падот на комунизмот во 1989 година. Договорот подоцна речиси се распадна откако беше објавена снимка која го откри тврдоглавото непријателство меѓу двата табора.

Но, поранешните премиери и ривали Бојко Борисов (Герб) и Кирил Петков (ЦК) решија да го остават своето несогласување настрана поради катастрофалната ситуација во која се најде Бугарија, членка на ЕУ и НАТО. Нив ги обединува проевропскиот став во однос на војната во Украина, иако земјата, длабоко поделена, е историски блиска до Москва.

Нивната политика, значи, мора да се дистанцира од политиката на преодните влади, кои за време на мандатот на претседателот Румен Радев, познат русофил, не сакаа да испратат директна воена помош во Киев. Радев во Собранието ја критикуваше таа коалиција и ја повика „да не ги изневерува државните интереси“.

Меѓу приоритетите на новата влада е и гласањето на буџетот, кое доцни поради политички спорови. За министер за финансии и европски фондови беше назначен Асен Василев, образован на Харвард.

Дополнително, новата влада сака да го реформира судството со цел подобра борба против корупцијата и си постави за цел што поскоро да влезе во еврозоната и Шенген зоната на слободно движење.