Бугарија, Турција и Романија денеска во Истанбул потпишаа договор за заеднички план за расчистување на пловечките мини во Црното Море, кои таму завршија како резултат на војната во Украина, објавија турските телевизии НТВ и Ројтерс.

Меморандумот го потпишаа заменик министерот за одбрана на Бугарија, Атанас Запријанов и министрите за одбрана на Турција и Романија односно Јашар Ѓулер и Ангел Талвар.

Претставниците на Турција, Романија и Бугарија се состанаа уште во април 2022 година со нивните колеги од Грузија, Полска и Украина за да разговараат за деминирање по руската инвазија на Украина. Министрите за одбрана на трите црноморски членки на НАТО разговараа за планот на состанокот на Алијансата во Брисел во октомври оваа година, како и во Анкара во ноември.

Договорот опфаќа акциите да се одвиваат во водата на територијата на овие држави, а како клучна се наведува заканата од мини која може да се појави.

Создавањето на Поморската група против мини во Црното Море беше иницирано од Турција во август 2023 година со главна задача да ја обезбеди безбедноста на морските патеки во Црното Море во однос на антиминирање и да се спротивстави на заканата од мини што се појави по почетокот на руската агресија врз Украина.

Се очекува поморската група да помогне во подобрувањето на интеракцијата и добрососедските односи меѓу учесниците, без да го замени присуството на НАТО и тековните активности за одвраќање и одбрана во регионот на Црното Море.

Романија стана 15-та членка на поморските сили за удар и поддршка на НАТО – најсилната поморска ударна група на алијансата, објави Министерството за одбрана во Букурешт.