Бугарија воведува привремена забрана за увоз на прехранбени производи од Украина, со исклучок на транзитни стоки, најави премиерот во техничкиот мандат Галаб Донев на почетокот на денешната владина седница.

„Минатата година, спротивно на првичната идеја, значително количество прехранбени производи остана во земјава и направи проблем. Доколку оваа тенденција опстојува или се зголеми, можно е да има исклучително сериозни последици за бугарскиот бизнис. Принудени сме да ја донесеме оваа национална мерка, бидејќи европските власти се уште размислуваат за соодветна мерка. Очекуваме дека Брисел ќе ги слушне и разбере позициите на Бугарија, Полска, Чешка и Словачка. Остануваме солидарни со Украина, но банкротот на бугарските земјоделци во никој случај нема да придонесе за нејзината цел“, рече Донев, пренесува „Радио Бугарија“.