Од непрофитната бугарска организација Фондација „Македонија“ додаваат дека гробот на револуционерот в сабота ќе го чуваат и македонски и бугарски полицајци. Бугарија веќе се понуди да испрати свои полицајци во Скопје со цел безбедно чествување на 4 февруари, но министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека нема потреба од тоа зашто македонската полиција има капацитет да се справи не само со овој туку, како што рече, со кој било настан и пригода

Бугарската непрофитна организација Фондација „Македонија“, која се декларира како бугарска културна и образовна организација, денеска преку објава на својот официјален фејсбук-профил упати повик до сите Бугари во Скопје, а посебно до помладите, да присуствуваат на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи в сабота во Скопје.

Во објавата се додава дека организацијата добила потврда од над 40 Бугари од Скопје и од земјава дека ќе присуствуваат на чествувањето на 4 февруари во црквата „Св. Спас“.

„Апел до сите Бугари во Скопје, особено до младите: Дојдете во сабота на гробот на Гоце заедно да му оддадеме чест во 11:30 часот на паркингот на Калето. Досега над 40 Бугари од Скопје и Северна Македонија ни потврдија дека ќе дојдат“, се наведува во објавата на Фондацијата „Македонија“.

 

Оттаму додаваат дека на денот на чествувањето, гробот на великанот ќе го чуваат македонски и бугарски полицајци.

Бугарија веќе се понуди да испрати свои полицајци во Скопје со цел безбедно чествување на 4 февруари, но министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека нема потреба од тоа зашто македонската полиција има капацитет да се справи не само со овој туку, како што рече, со кој било настан и пригода.

„Нема потреба од тоа. Македонската полиција има капацитети коишто гарантираат стабилност и безбедност и е подготвена во целост не само за овој туку и за кој било настан и пригода да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните. Тоа е врвен приоритет. Нема поединец, група или партија која може да биде посилна од државата и треба да ни биде јасно на сите. Второ, има одбор кој се грижи за организација на сите делегации што сакаат да положат цвеќе да се најавуваат, редот ќе се воведува врз основа на план од македонската полиција и нема да имаме никаков проблем“, рече Спасовски за време на гостувањето во утринската програма на МРТ.

Граѓаните, како што нагласи Спасовски, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.