Иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и можат да му наштетат на ставот на Бугарија во односите со Македонија, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова Чамова во врска со најавената блокада на три гранични премини на 21 јуни.
– Во секој случај, ваквите акции ќе бидат контрапродуктивни – рече министерката.
Според неа, ваквите иницијативи не се поврзани со активностите на бугарската влада и не придонесуваат за заштита на националниот интерес на Бугарија.
– Разбирам дека постои можност невладините организации или други структури да организираат вакви настани, но од наша страна е важно да се одржи многу цврста позиција со јасно изразени права што ги браниме – рече Петрова Чамова.
Таа нагласи дека Бугарија нема интерес за ескалација на тензиите со соседната земја.
– Нема потреба дополнително да се влегува на патот на ескалација и да се одговара во секој случај во кој има таква провокација – истакна министерката.
Според Петрова, Бугарија има доволно дипломатски механизми со кои може да ги заштити правата на Бугарите во Македонија и да ги брани своите ставови пред европските институции.
Антимакедонската бугарска Фондација Македонија на 21 јуни два часа ќе ги блокира трите граничните премини на македонско-бугарската граница: Деве Баир, Делчево и Ново Село. Целта, според најавата, е да му се покажело на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека не може да продолжи со наводниот прогон на Бугари во Македонија.
Блокадата следува по инцидентот во кој еден сторител запали две дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје.
