МНР ќе го повика бугарскиот амбасадор
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Жељаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.
„Во врска со најавата на претседателката Сиљановска-Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија“, потврдија вчера од МНР.
Муцунски со брифинг до новинарите
За денеска во 11 часот е закажан и брифинг за медиуми на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за досегашните и идните активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на министерството со кое раководи.
Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.