Амбасадата на Украина во Софија соопшти дека Киев ги прави сите можни напори за да го врати мирот и го отфрли тврдењето на бугарскиот претседател Румен Радев дека снабдувањето со оружје за Украина ја поттикнува и ја продолжува војната.

Амбасадата посочи дека обвинувањето на Украина за војната, што го направи бугарскиот претседател, е дел од руската пропаганда и хибридна војна во Европа.

Во соопштението на амбасадата се тврди дека обезбедувањето одбранбена опрема за Украина не доведува до зголемување на бројот на жртвите, туку значи, како што се наведува, дека може да се спасат повеќе животи, пренесе АП.

„Украина инсистира да ја води оваа војна, а цела Европа ја плаќа сметката“
Радев на новинарите во петокот, за време на прес-конференцијата на која зборуваше за неодамнешниот самит на НАТО, изјави дека сака „јасно да стави до знаење дека Украина инсистира да ја води оваа војна“.

Радев посочи дека треба да биде јасно дека цела Европа ја плаќа сметката за тоа.

Бугарскиот премиер Николај Денков во петокот ги обвини Русија и рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина, откако Радев го обвини Киев за конфликтот.

Денков рече дека најбрзиот начин да се запре војната во Украина е Путин да ги повика руските трупи да се повлечат од украинските територии.