ОМО „Илинден“ – Пирин ги отфрла тврдењата на бугарската претседателка Илијана Јотова дека организацијата не била регистрирана затоа што доставува нецелосни документи. Копретседателот Стојко Стојков вели дека организацијата секогаш поднесува комплетна документација, но дека судовите во Бугарија секогаш пронаоѓаат нови забелешки.

Јотова во Стразбур изјави дека „сагата ОМО ‘Илинден’“ наскоро би можела да заврши, но како причина за досегашното нерегистрирање го посочи тоа што организацијата, според неа, секогаш пропушта да достави некој документ. Нејзината изјава уследи по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, на која било разговарано и за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со ОМО „Илинден“.

„Втората тема беше, се разбира, за движењето на досието ОМО „Илинден“ и многу се надеваме дека на една од наредните седници ќе заврши таа сага. Се разбира, го потцртав бугарскиот став за да чуе тој (Берсе) од прва рака дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент. Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација за да можат да се регистрираат таму. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ“, изјави Јотова.

Стојков, пак, тврди дека тоа не одговара на состојбата и дека проблемот не е во нецелосна документација, туку во постојано менување на забелешките на судовите.

„Тоа е комплетна невистина. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни. Целите се различни. И кога ќе поднесеме ние документи, наеднаш судот наоѓа десетици проблеми што не ги видел порано. Судовите на секое ниво даваат различни забелешки. Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови“, наведува Стојков.

На прашањето дали по изјавата на Јотова може да се очекува на ОМО „Илинден“ – Пирин конечно јасно да му биде кажано кои документи недостигаат, Стојков вели дека не очекува такво решение.

„Проблем е што нема такво нешто, сето го исполнуваме, но тие само си измислуваат. Треба да запрат да го нарушуваат законот и да нè регистрираат“, потенцира Стојков.

Нерегистрацијата на ОМО „Илинден“ – Пирин и на други организации на Македонците во Бугарија е долгогодишно прашање во односите меѓу двете земји. Според ставовите што ги изнесуваат македонските политички претставници, Бугарија не спровела најмалку 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур поврзани со правото на здружување и мирно собирање на Македонците во Бугарија.

Јотова, од друга страна, тврди дека темата се користи против Бугарија и дека не станува збор за билатерален спор. Во својата изјава во Стразбур таа порача дека Скопје не ја почитувало „политиката на францускиот компромис“, а во исто време оцени дека треба да се завршат „тековните досиеја“ поради имиџот на Бугарија.

„Се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија. Ние го негираме тоа, прво, зашто нема билатерален спор, тие, едноставно, не ја почитуваат политиката на францускиот компромис што беше постигнат. Од друга страна, треба да ни биде јасно дека треба да бидат завршени овие тековни досиеја, зашто не е добро тоа за сликата на земјата“, нагласи Јотова.

Европскиот суд за човекови права во повеќе постапки утврдувал повреди на правото на слобода на здружување и мирно собирање во случаите поврзани со ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“ – Пирин. Во изворниот материјал се наведуваат пресудите од 2005 и 2006 година, како и серијата одлуки од 2011 година, а повторна повреда на членот 11 од Европската конвенција е наведена и во предметот „ОМО Илинден и други против Бугарија (бр. 3)“ од 2017 година.

И покрај тие пресуди, како што се наведува во материјалот, регистрацијата на организацијата не била трајно обезбедена. Во одделни постапки бугарските институции повторно одбивале барања за регистрација, при што како образложенија биле наведувани различни забелешки поврзани со целите на организациите и нивните статути.

Според изнесените податоци, покрај ОМО „Илинден“ – Пирин, во Бугарија биле одбивани и барања за регистрација на други организации на Македонците, меѓу кои Здружението „Репресирани Македонци жртви на комунистичкиот терор“, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија и македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.