До крајот на годината, активностите за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите во Собранието ќе бидат особено насочени кон подигнување на јавната свест за превенција и борба против насилството врз жените и девојчињата. Ова било договорено на денешниот редовен состанок на Работната група што го следи спроведувањето на Акцискиот план.
Состанокот го одржала претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска. Според собраниската прес-служба, Работната група ја разгледала досегашната реализација и при ревизијата констатирала дека значителен дел од предвидените активности се спроведени. Тоа, како што се наведува, е важен чекор за унапредување на рамноправноста и еднаквите можности во Собранието.
Членовите на групата разговарале за постигнатите резултати и ја потврдиле потребата спроведувањето на Акцискиот план да се следи континуирано, за поставените цели и обврски да бидат исполнети навреме.
„Како дел од планираните активности, предвидено е и одржување на средба и координација со локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите. Средбата ќе биде во функција на размена на искуства, унапредување на координацијата и идентификување на можности за заедничко делување на национално и локално ниво“, велат од собраниската прес-служба.
