– Причината за средбата е изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, во која тој ја нападна Бугарија поради нејзините условувања за влез на С. Македонија во ЕУ и барањето за промена на учебниците по историја, пренесе бугарска „Сега“.
Милановиќ ја даде изјавата по Самитот на Словенија и Хрватска со земјите од Западен Балкан, одржан на 17 мај 2021 година во Брдо кај Крањ.
Амбасадорката Огњановац била примен во Министерството за надворешни работи од Румен Александров, генерален директор за европски прашања.
Александров ја опишал изјавата на претседателот Милановиќ како „неприфатлива и неоправдана, што е разочарувачко со оглед на не само одличниот билатерален дијалог меѓу Софија и Загреб и едногласноста на низа теми од европската и регионалната агенда, туку и од фактот дека како непосредни соседи на регионот, Бугарија и Хрватска се природно поврзани со заедничкиот интерес за реформа, стабилизирање и наскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ“.
Бугарскиот дипломат, исто така, истакнал дека процесот на европска интеграција треба да се заснова на сопствените достигнувања на секоја земја-кандидат, истовремено почитувајќи ги основните вредности на ЕУ, вклучително и принципот на добрососедство.
Амбасадорката Огњановац ветила дека ќе ја предаде бугарската позиција во Загреб. Таа ја истакнала потребата од соработка меѓу Бугарија и Хрватска, со цел да се обезбеди стабилност на регионот на Западен Балкан и неговата европска перспектива, соопштило бугарското Министерство за надворешни работи.
– Она што официјалната политика на еден член ѝ го прави на С. Македонија е влез во нејзиниот интимен простор и бара од земја-аспирант да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја како што тоа го прави соседна земја. Јас активно ќе се спротивставам на ова. Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро“, изјави пред два дена хрватскиот претседал Милановиќ, кој никогаш не ја спомнал Бугарија, но од контекстот е јасно како зборувал за таа земја, пренесе хрватски „Телеграм“.