Претседателот на Управниот суд во Скопје Бурим Сејдини доби кривична пријава од вработените поради сомнение за злоупотреба на службената должност, објави Алсат.

Според кривичната пријава која е испратена до Финансиската полиција, Комисијата за спречување на корупцијата, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, првиот човек на скопскиот Управен суд се обвинува за рачна распределба на предмети со злоупотреба на АКМИС системот, како и за вработување спротивно на законот односно постоење на конфликт на интереси и за намерно застарување на 190 предмети кои се однесуваат на финансиски предмети на Царината и УЈП за периодот од 2021 до 2023 година.

Неофицијално, нанесената штета на државниот буџет би изнесувала милиони евра, пишува Алсат.

Според анонимните пријави од вработени, Сејдини е осомничен и дека неодамна вработил две лица во судот, но според нив, тоа е спротивно на законот бидејќи се работи за мајка и ќерка и дека во овој случај има конфликт на интереси.

Според телевизијата, з кривичната пријава бил известен и Судскиот совет, кој во средата иницирал формирање на комисија која треба да изврши контрола во Управниот суд, но нејзиното формирање било одложено за септември.

Алсат потсетува дека за ваква фактичка состојба во Управниот суд и непостапување по жалби во Вишиот управен суд беше констатирана и во извештајот од април 2019 година, иако тој беше отстранет од веб-страницата на Министерството за правда во 2021 година.

-Во него беше наведено дека при увидот се констатирани претставки од 2014, 2015, 2016 и 2017 година кога претседател на судот била Јетмире Ајдини Бошњаку, пишува Алсат и наведува дека за делото, злоупотреба на АКМИС системот казна затвор од 3 години и 6 месеци издржува поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски е во затвор каде издржува казна од 3 години и 6 месеци.