Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека Македонија ќе стане центар на една од најголемите странски инвестиции во одбранбениот сектор во својата историја.
„Денеска потпишавме меморандум за разбирање со американско-британската компанија ‘Бурсток’, која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари,“ соопшти Мицкоски во својата објава.
Илјада нови работни места со високи плати
Премиерот нагласи дека проектот ќе донесе нови, добро платени можности за македонските граѓани.
„Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места и ова е само почеток,“ истакна тој.
Според него, оваа инвестиција претставува само првиот чекор кон целосно рестартирање и развој на домашната индустрија за одбрана и безбедност.
Инвестиции над 1 милијарда долари на долг рок
Мицкоски најави дека очекува вкупните инвестиции во воената индустрија да надминат 1 милијарда долари, што ќе ја позиционира земјата како сериозен партнер во меѓународниот безбедносен сектор.
Компанијата „Бурсток“, позната по своето долгогодишно искуство во одбраната, дипломатијата, безбедноста, разузнавањето и управувањето со проекти, ќе го пренесе своето знаење и експертиза и во Македонија. Таа е активна и во поморскиот и воздухопловниот комерцијален сектор, што дополнително ја зголемува тежината на оваа инвестиција.