– На територијата на град Скопје привремено се одземени 280 килограми режан тутун со што избегната е наплата на акциза во износ од околу 500.000 денари. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 279 Б од кривичниот закон, информира Царинската управа.

Истовремено, на граничниот премин Табановце, Царинската управа информира дека е извршена детална контрола на товарно моторно возило, при што, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи привремено задржале 1200 пакети (59.996 штеки) цигари со трговска Marble Filter de luxe.

Целокупната стока, со вкупна вредност по фактура од 6.155.280,00 денари е привремено задржана поради основано сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.

– Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи, за кои се плаќа акциза, а кога ќе се најдат во малопродажба, истите мора да бидат обележани со контролни марки. Акцизите учествуваат со околу 22 проценти во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13 отсто, од кои над 5 проценти се од цигари и тутунски производи. Соодветно на тоа, станува збор за значаен извор на приходи во буџетот на државата, се наведува во соопштението.

Од Царинската управа додаваат дека проблемот и обемот на штетите со нелегалната трговија на тутунот и тутунските производи бара континуиран напор да се спречи нелегалниот промет на акцизни добра.

Тие велат дека на овој начин ја штитат конкурентноста и истовремено го спречуваат неплаќањето на давачки кон државата. Но, дополнително го штитат и здравјето на луѓето, што може да биде загрозено при употреба на непроверени производи нелегално пуштени во промет.