Ова било тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерките за образование на двете соседни земји, Мила Царовска и Арберие Нагавци, која е резултат на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово што минатиот месец се одржа во Скопје.

Во изјава за медиумите по средбата, Царовска соопшти дека со Нагавци дискутирале за новиот концепт за образование кој се спроведува во нашиот образовен систем, за дигитализација и за предизвиците во високото образование и за размена на искуства и знаења на високообразовните институции.

-Сметаме дека нашите две земји, кои имаат слични предизвици, треба поинтензивно да соработуваат. Задоволство ми е што во посета на нашата земја денеска е министерката за образование на Косово и со нејзиниот тим разговаравме за можната соработка и за продлабочување и размена на искуства. Разговаравме за можно потпишување меморандум за соработка и за договор и програма за соработка во наредниот период, истакна Царовска.

Задоволство од средбата и од можноста за соработка искажа и косовската министерка за образование, науки, технологии и иновации, Арберие Нагавци.

– Ни беше задоволство да разговараме за соработка во наредните години. Разговаравме за договор и за конкретни проекти на кои може да работиме во иднина во училишното и високото образование и да им дадеме повеќе можности на младите од двете земји, рече Нагавци, додавајќи дека како соседни земји и добри пријатели ќе работат на проекти за доброто на сите млади луѓе.

На прес-конференцијата на која косовската министерка зборуваше на албански и на англиски јазик поради несоодветно обезбеден превод на македонски, се обрати и заменик-министерот Арафат Шабани кој истакна дека нема отворени прашања во областа на образованието меѓу Северна Македонија и Косово.

-Денешната средба во Скопје е почеток на остварување на целите кои двете земји ги имаат зацртано – приклучување кон Европската Унија, но и во светскиот модерен образовен простор. Помеѓу Северна Македонија и Косово нема отворени прашања во образованието, а има желба за отворање нови можности за соработка и се надевам дека денешната средба ќе биде иницијална во таа насока, додаде Шабани.