Ова беше заклучено на денешниот редовен состанок на кој учествуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, регионалниот директор на Светска Банка Масимилијано Паолучи, Бојана Нацева – тим лидер на проектот и други лица на Светска Банка вклучени во имплементацијата на Проектот.

Како што соопшти Министерството за образоавние и наука, претставниците од Светска банка истакнаа дека се посебно задоволни од процесот на дигитализација на материјалите за учење, но и динамиката со која се опремуваат 260 кабинети по природни со што се создаваат поквалитетни услови за настава.  Потенцираа дека реализацијата е неопходно да продолжи во иста насока како и до сега.

На состанокот, како што се наведува, беше истакната важноста на напорите кои Министерството за образование и наука и Светска Банка како партнери ги вложуваат со цел да се подобрат условите за учење на учениците во основното образование, посебно во условите во кои се наоѓаме.

-Позитивно од сите присутни беа поздравени и заложбите и напорите на МОН за создавање безбедно опкружување за децата во услови на пандемија со што се овозможува настава со физичко присуство, нешто што е многу важно за континуитет на образовниот процес и обезбедување на квалитетно образование, се вели во соопштението.

Вкупната вредност на проектот изнесува 21,5 милиони евра и се реализира преку три основни компоненти кои се однесуваат на подобрување на учењето на ниво на училиште, реформи за национален прогрес во образованието и зајакнување на компетенциите на наставниците и директорите на училиштата. Проектот се имплементира преку единица за управување со проектот која функционира во МОН. Освен МОН, во проектот учествуваат и БРО, ДИЦ, Државен просветен инспекторат, општините и основните училишта.