По војната, Израел ја остава Газа сама на себе. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека војната во Газа ќе се состои од три фази, што на крајот ќе резултира со нов безбедносен режим за Газа.
Првата фаза, беше „воена кампања со оган и проектили, а потоа и тактички маневри, чија цел ќе биде да се убијат оперативците и да се оштети инфраструктурата“ за да се уништи Хамас.
„После тоа борбите ќе бидат со помал интензитет“, рече тој на состанокот на Комисијата за надворешни работи и одбрана.
Последната фаза од конфликтот, заклучи тој, вклучува „создавање нов безбедносен режим во Појасот Газа, отстранување на одговорноста на Израел за животот во Газа и создавање нова безбедносна реалност за граѓаните на Израел“.
Галант денеска во Ерусалим изјави дека армијата „не планира да го контролира животот во Појасот Газа“ откако Израел ќе ја уништи палестинската екстремистичка организација Хамас.
На 7 октомври, Хамас почна со напади на Израел. Палестинското Министерство за здравство објави дека бројот на загинати во Газа достигна 4.137 од 7 октомври, додека борбите меѓу Хамас и Израел продолжуваат. Повеќе од 13.000 луѓе се ранети во Појасот Газа. Долги години има проблеми меѓу Израелците и Палестинците за спорниот регион.