Тврди дека станува збор за неточни информации и бара јавно извинување
Сопругата на градоначалникот на Скопје јавно се огласи по обвинувањата дека носи луксузна чанта вредна десетици илјади долари. Таа ги отфрли наводите како неточни и политички мотивирани.
Во објава на социјалните мрежи објави фотографија од продавницата од која, како што наведува, ја купила чантата. Посочи дека не станува збор за брендот Hermès и дека вредноста не е 30.000 долари, како што, според неа, било тврдено од СДСМ.
Наместо тоа, истакна дека чантата е купена на попуст од продавницата Obuca Metro за 944 денари. Додаде дека нема никаква поврзаност со споменатиот луксузен бренд.
„Кога се нема аргументи, политиката се сведува на политиканство. Наместо да се зборува за работите што се важни за граѓаните и за тоа што е направено за Скопје, се вмешуваат семејства и личности кои не се директно во политиката, па дури и нашиот малолетен син, само за да се привлече внимание“, наведе таа.
Таа оцени дека, како што рече, се прават „евтини конструкции“ за да се создаде наратив за луксуз и аздисаност преку лаги и клевети. Посочи дека не сака да коментира политика, но нагласи дека вмешувањето на потесното семејство и ширењето лажни информации не претставува политичка дебата.
Во објавата побара јавно извинување и повлекување на, како што ги нарече, невистинитите тврдења. Во спротивно, најави дека ќе ги искористи сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
„Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации“, порача таа.
