Македонија мора да биде инвеститорот на проектот Чебрен. Нашите води не се на продажба, се вели во реакцијата на иницијативата Инженери на Македонија на изјавата на Владата за одлуката овој проект да се даде на концесија на грчка компанија.

Еве што соопшти Владата на 8 септември: „Со изградбата на ПАХЕ Чебрен ќе се обезбеди праведната транзиција кон чисти извори на енергија, ќе се зголеми капацитетот на нашиот енергетски систем за поголем број на обновливи извори на енергија, од кои директен бенефит ќе имаат самите граѓани, домашни мали и големи фирми кои ќе инвестираат во таквите проекти кои и во моментов инвестираат во нови фотомапонски централи на целата територија. Директен бенефит ќе имаат и нашите инженери кои ќе бидат најбарани токму во делот на проектирањето, развојот и изградбата на ПАХЕ Чебрен“.

Кај јавноста речиси незабележливо помина одговорот кој Владата го даде за собирот на инженерите, реагираат инженерите.

„Таа всушност во одговорот потврува дека од изградбата на ПАХЕ Чебрен бенефит нема да имаат сите граѓани, туку само оние граѓани кои располагаат со доволно капитал да инвестираат во проекти за обновливи извори на енергија. Неколку, за јавноста познати граѓани, кои воедно се и сопственици на домашни фирми, а кои во моментот инвестираат во нови фотонапонски електрани на целата територија се:

– Синот и внуците на Али Ахмети ќе градат и фотоволтаична централа од 35 милиони евра.

– Димитар Ковачевски излезе од бизнисот со фотоволтаици, но, неговата сопруга, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија.

– Централ инвест на Анѓушев изгради нова сончева електрана.

– По синот, сега и таткото и братот на Зоран Заев отвораат фирма за производство на струја…

Владата во одговорот вели дека македонските инженери ќе ја проектираат ПАХЕ Чебрен, ќе го планираат неговиот развој и ќе ја градат ПАХЕ Чебрен. Ова значи дека Владата иако смета дека Македонија има инженери кои можат да го проектираат, развиваат и изградат ПАХЕ Чебрен, тие сепак доделуваат концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река на странска фирма – ППЦ Архиродон. Чебрен мора да биде македонски“, соопштија инженерите.